септември 14, 2026

Недела на борба против туберкулоза | 14–21 септември

Информирај се. Препознај ги симптомите. Побарај помош навреме. Заедно можеме да ставиме крај на туберкулозата!

Туберкулозата и понатаму претставува сериозен здравствен предизвик во светот. Станува збор за заразно заболување предизвикано од бактеријата Mycobacterium tuberculosis, кое најчесто ги зафаќа белите дробови. Болеста се пренесува преку воздухот, при кашлање, кивање и дишење, особено при близок и продолжен контакт со заразено лице.

Препознавањето на симптомите и навременото реагирање се од особено значење. Меѓу најчестите симптоми се долготрајна кашлица, покачена температура, ноќно потење, замор, губење на апетитот и телесната тежина, а во одредени случаи може да се појави и искашлување крв. Симптомите во почетокот можат да бидат благи и тешко препознатливи, поради што е важно да не се занемаруваат.

Иако туберкулозата може да биде сериозна, таа може да се превенира и лекува. Превентивните мерки, раното откривање и навременото и целосно лекување се клучни за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата. Особено важно е лицата кај кои е дијагностицирана туберкулоза редовно да ја примаат препишаната терапија и да не го прекинуваат лекувањето самоволно.

Здравата и разновидна исхрана, соодветниот одмор и здравиот начин на живот имаат важна улога како поддршка на организмот, особено за лицата кои се лекуваат од туберкулоза. Дополнително, избегнувањето на пушењето е значајно, имајќи предвид дека употребата на тутун го зголемува ризикот од заболување и неповолен исход.

Неделата на борба против туберкулозата е можност да се подигне свеста, да се споделат точни информации и да се поттикне навремено препознавање и превенција на болеста.

< врати се назад